Овој серијал на постови е наменет да ги запознаете Амбасадорите на AirCare. Тие, со месечна донација од $5.99 помагаат апликацијата да продолжи да работи, а во исто време да правиме месечни хуманитарни акции со 50% од нивната донација!


Кој е Дражен?

Претприемач и иноватор. Љубител на природата. Триатлонец. Интересен соговорник и позитивна личност. Татко. Дел од зборовите со кои пробувам да го опишам.

Што значи чист воздух за тебе?

Image may contain: 1 person, beard and closeup
Дражен Котески

Одговорот на ова прашање кај мене еволуираше низ годините. Од тотална незаинтересираност за нешто што сите во даден момент го прифаќаме дека ни е дадено во неограничени количини, до момент кога се двоумиш дали треба да излезеш на прошетка. Како што се актуелизираше проблемот со загадениот воздух низ годините, така и се менуваше дефиницијата. Надвор од општоприфатена дефиниција за чист воздух која подразбира метрика и рамки во кои треба да се движат одредени параметри, за мене чист воздух е воздухот кој не само не е штетен, туку воздухот кој придонесува за подобро здравје кај сите нас.

Зошто стана AirCare Амбасадор?

Дипломатски имунитет!? 😊 Се шегувам, нормално. Кога имаш 40+ години некако логично е да бараш поврзаност во многу работи кои ти се случувале во минатото, она што како последица од тоа минато ти се случува сега и нормално што ќе биде понатаму. Чистиот воздух е нешто што не засега сите нас. Како татко на две деца секојдневно размислувам за нивното здравје и иднина. Актуелизирањето на проблемите, уште повеќе вклучувањето во нивното решавање е пресудно за сите нас. Посебно за новите генерации кои веќе се родени во свет кој изгледа многу поинаку од светот пред 20-30 години. Индустриската револуција, капитализмот и профитот како врвно достигање кое се глорифицира предолго се причина за конфликтот кој го имаме со природата, но и со самите нас.

Веројатно предолго се перцепираме цивилизациски како апекс предатор, наместо како рамноправен вид во екосистемот. Последиците на тоа се секаде околу нас. И нема самите да исчезнат.

Проблемите ги чувствуваат се поголем број на луѓе на дневно ниво. Истите не се систематски третирани доволно и според мене наша должност е самостојно да изнајдуваме решенија. Овие решенија не треба да се фокусираат само на еколошките туку и социјалните проблеми. За среќа имаме млади луѓе како Горјан кои освен тоа што својот ентузијазам кон техниката го преточуваат во решенија кои им помагаат на сите, туку и самиот тој е активист и пример на човек кој е доследен во својата борба за подобро утре.

Случајно или не, со Горјан заедно бевме дел од акцелераторската програма на SEAVUS. Имавме можност да поразговараме за многу теми на кои видов дека имаме доста заеднички размислувања. Едно од нив беше и заедничкото гледиште за потребата од бизниси и иницијативи кои се одразуваат на одржливоста на средината и имаат позитивен импакт на истата. Дури и зборувавме за некоја потенцијална соработка во иднина бидејќи на некој начин и AirCare и Блинк (компанијата која ја развивам во моментот) имаат за цел подобрување на животната средина и квалитетот на воздух кој го дишеме секојдневно. AirCare амбасадор беше само еден од чекорите кои мислам дека се само почеток на нешто поголемо. Познавајќи го Горјан, мислам дека оваа идеа постојано ќе биде надоградувана со нови иницијативи. Промовирањето на вакви модели и активности е посебно важно во време кога системските решенија каскаат и се неагилни во нивното решавање.

Големи и богати се оние кои можат да дозволат да дадат, а не оние кои имаат.

Ова како мото е нешто што го увидов во AirCare амбасадор концептот и беше мотив плус да се вклучам во иницијативата. Во време во кое доминира егоцентризмот и алчноста, во време кога сме политички и идеолошки контаминирани, секоја ваква иницијатива е добредојдена. Дела, а не зборови – како одлика на AirCare амбасадор концептот пркоси на кликтивистите и вечните критичари од социјалните медиуми кои освен со критика никогаш не исчекоруваат со решение за проблемите. Доколку времето поминато во коментирање за проблемите и давањето на хипотези за нивно решавање, луѓето го користеа во давање на било каков придонес, денес ќе бевме далеку поубаво место за живеење. Денес ќе бевме многу посреќни луѓе. 

Доколку имаш една супермоќ, која би била таа?

Некаде прочитав дека во секој од нас се крие суперхерој. Веројатно и никогаш немало поголема потреба од суперхерои. Од друга страна она што е заедничко за секој суперхерој е човечката страна, емпатијата. Истаа онаа која не прави ранливи, не прави и суперхерои. Можноста да се сочувствува со другите, да се види светот од нечии други очи е нешто што е длабока и хумана човечка одлика, но и моќ да се делува не само заради нас туку и заради сите оние кои не можат или не сакаат да делуваат во подобрувањето на нашето окружување. Моќта да ги натераш луѓето да си ги постават вистинските прашања и да трагаат по одговорите можеби е супермоќта која би ја преферирал 😊


Можеби контрадикторно на претходно кажаното, според мене можеби и најдобро е да не се верува во супермоќи. Треба да веруваме во себе. Треба да се верува во тоа дека секој од нас на свој начин може да придонесе кон менување на работите. На подобро – се разбира 😊


Сакаш да станеш и ти Амбасадор?

Отвори ја AirCare на твојот Android/iOS/Huawei телефон, и кликни на големото плаво копче “Стани AirCare Амбасадор”!