Согорувањето на јаглен е најголемиот индивидуален извор на загадување на воздухот на западен Балкан, а предводен е од таквото согорување во термоцентралите. Компаниите што управуваат со нив, како и државите во регионот, не се придржуваат до законите за штетни гасови. Истото важи и за другите големи постројки за согорување – индустриски постројки со најголема потрошувачка на електрична енергија кои, покрај производството на електрична енергија, главно се одговорни и за загадувањето на воздухот. Доколку продолжиме да ги користиме термоцентралите на јаглен, ќе биде невозможно да се постигне неутралност на јаглерод до 2050 година. Покрај тоа, индустријата ќе се соочи со финансиски колапс ако не успее брзо да прифати почисти технологии.

Кој е патот кон почист воздух на западен Балкан? Еден од најголемите загадувачи е електричниот сектор, поточно термоцентралите со јаглен. Ако ја погледнеме само индустријата, освен производството на електрична енергија, најголемите загадувачи вклучуваат објекти чие работење бара големи количини на енергија. Тука спаѓаат фабриките за производство на челик и цемент, рафинериите и другите жаришта на загадување на локално ниво и пошироко.

Јагленот се користи и во тешката индустрија, и за греење – во топлани, помали котларни простории и домаќинства. Затоа, преминот кон почисти горива би ја елиминирал најголемата индивидуална причина за загадување на воздухот.

Термоцентралите со јаглен сочинуваа 43% од капацитетите за производство на електрична енергија на западен Балкан во 2019 година, а нивното вкупно учество таа година достигна и до 61%. Нема индикации дека овие трендови брзо ќе се намалат.

Граѓаните незнаејќи плаќаат милијарди евра на индустријата за јаглен

Во тек се проекти за изградба и реконструкција на електрани со јаглен, како и такви за проширување на постојните рудници за јаглен. Дури и ако старите производствени капацитети бидат затворени откако ќе бидат во функција новите, екстремното загадување на воздухот сепак ќе продолжи, што ќе ја продолжи зависноста од јаглен за неколку децении.

Државите во регионот платија вкупно 72,7 милиони евра директни субвенции за производство на електрична енергија од јаглен во 2019 година. Сепак, оваа сума е релативно мала во споредба 

со гаранциите на државните заеми, во износ до 2,15 милијарди евра. Ова се пари што ги плаќаат сите граѓани, а ваквите одлук се донесуваат без нивно учество.

Производството на електрична енергија од јаглен и други индустриски активности ослободува сулфурни оксиди (SOx), конкретно сулфур диоксид (SO2), честички (ПМ), исто така наречени фини честички, азотни оксиди (NOx), неметански испарливи органски соединенија (NMVOC), и тешки метали како арсен, кадмиум, олово и жива.

Сите овие се штетни за здравјето и животната средина. На пример, емисиите на сулфур во воздухот предизвикуваат зголемено закиселување на почвата, со што се загрозува земјоделството. Уделот на загадување на воздухот произведен со транспорт на материјали не е регистриран како загадување на воздухот предизвикано од индустријата.

Прописите и законите не се применуваа

Значителен дел од еколошкото законодавство на Европската унија веќе е интегрирано во националното законодавство на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Србија и Северна Македонија, соодветно. Сепак, поради неуспехот да се прифати одговорноста во целиот систем, од властите до операторите со индустриски капацитети, и недостатокот на механизми за спроведување регулатива, дозволените нивоа на загадувачи на воздухот сè уште се надминуваат.

Владите сè уште гледаат на јагленот како стратешки ресурс. Прекршувањата и одложувањата во воведувањето мерки за заштита на животната средина од страна на компаниите во тој сектор, претежно државни, се толерираат. Во исто време, на приватните, главно странски инвеститори во енергетски интензивната индустрија им е дозволено да работат непречено и покрај кршењето на стандардите и прописите за загадување. Според податоците од 2018 година, многу земји од регионот ги надминаа максималните годишни нивоа на SO2 и фини честички како што е наведено во нивните национални планови за намалување на емисиите (NERP).

Загадувањето предизвикано од електрани на јаглен на западен Балкан има и прекугранично влијание. Мнозинството (2.013) од 3.906 предвремени смртни случаи кои се припишуваат на нивното влијание во 2016 година се случија во Европската унија, додека 1.239 се случија во самиот регион, а остатокот ги погоди другите земји. Ова придонесува за почеток и ескалација на меѓународните спорови.

Без компромис кон неутралност на јаглерод во 2050 година

Државите во регионот се определија за влез во ЕУ, што подразбира спроведување на целиот спектар на регулативи за животната средина на Унијата, како и целта за намалување на нето-емисијата на јаглерод диоксид (СО2) на нула до 2050 година. Со оглед на фактот дека на јаглен електраните се најголемиот извор на овој стаклен гас на западен Балкан, тешко е да се замисли дека тие објекти би можеле да преживеат.

ЕУ има слични амбиции и за остатокот од индустријата, така што го поттикнува развојот на технологии за употреба на електрична енергија и водород, заедно со фаќање и складирање на јаглерод. Постојат повеќе експериментални програми за производство на гориво и други материјали од јаглерод диоксид.

Повеќето од земјите дефинираа рок за укинување на јагленот, а термоелектраните што работат на него се затвораат со забрзано темпо. Покрај построгите регулативи, сопствениците на електрани што горат фосилни горива се оптоварени и со трошоци за дозволи за ослободување на јаглерод диоксид. Цените на тие сертификати на берзата достигнаа рекордни високи вредности со месеци.

Скапи филтри за гориво без иднина

Европската унија испраќа порака дека нафтениот и петрохемискиот сектор немаат иднина, и дека фосилниот гас ќе служи само како преодно гориво. ЕУ, исто така, планира брзо да воведе данок на СО2 за увезената стока и услуги, што веројатно автоматски ќе затвори многу загадувачи ориентирани кон извоз во нашиот регион. Не треба да се исклучува можноста тие механизми да станат построги и да се подигне пречка во однос на ублажувањето на глобалното затоплување и неговите последици.

За жал, на западен Балкан се одложува реконструкцијата и инсталирањето на филтрите и единиците за десулфурирање во термоелектраните, со што се продолжува загадувањето на воздухот и се загрозува јавното здравје. Овие скапи интервенции ќе ги зголемат и трошоците за нивно затворање, што сè повеќе се чини неизбежно. Треба да се напомене и дека целата опрема за заштита на животната средина работи на електрична енергија, па логично е да се претпостави дека таа енергија се произведува од истите централи на јаглен, со што ќе се зголеми потрошувачката на ова фосилно гориво.

Улога на граѓаните и граѓанското општество

Најважниот предуслов за намалување на загадувањето на воздухот предизвикан од индустријата е политика на нулта толеранција од страна на надлежните институции кон кршење на законот за заштита на животната средина и на стандардите. Граѓанското општество може да даде придонес преку зајакнување на своите капацитети за покренување судски случаи, што пак, ќе ги подобри судските процедури.

Правните интервенции треба да бидат проследени со кампањи за подигање на свеста насочени кон обезбедување поддршка од граѓаните. Граѓаните исто така имаат важна улога во алармирање на властите и водење медиумски кампањи. Според Архуската конвенција, тие имаат право да учествуваат во одлучувањето за време на анализата на влијанијата врз животната средина на постојните и планираните индустриски капацитети. Во врска со ова прашање, тие можат да користат помош од меѓународни институции и еколошки организации.

Локалните заедници кои страдаат од последиците од загадувањето од блиските индустриски капацитети се особено важни за да предизвикаат реакција од властите. Меѓународните финансиски институции како што се Европската банка за обнова и развој и Светска банка, па дури и приватни кредитори, исто така, можат да претставуваат значаен фактор ако тие условуваат давање заеми со почитување на еколошките прописи.

Заедно сме посилни

Независно судско тело и парични казни може да се воведат во рамките на Енергетската заедница-  меѓународна организација што посредува во прашањето за проширување на енергетскиот пазар на ЕУ во земјите кои ги вклучуваат државите од западен Балкан. Ова бара поддршка од администрацијата во Брисел, како и од граѓанското општество и земјите од регионот.

Целиот западен Балкан се бори со горе доле исти предизвици, кои вклучуваат индустриско загадување. Затоа, заедничката акција на активистичките групи што се обраќаат до Европската унија, Енергетската заедница и меѓународните организации е поефикасна од индивидуалните барања.

Исполнувањето на обврските содржани во Зелената агенда за западен Балкан, прифатени од земјите од регионот по потпишувањето на Софиската декларација во ноември 2020 година, ќе го отвори пристапот до неповратни грантови и поддршката на Европската унија за праведна транзиција.

Мнозинството рудници за јаглен и термоелектрани не би можеле да преживеат на пазарот доколку не ги добивале споменатите субвенции. Овие средства треба да бидат пренаменети во социјалните програми и пренамена на работниците, поправка и пренамена на објектите и рудниците и развој на проекти за производство на енергија од обновливи извори. Електричниот систем би се трансформирал со минимално влијание врз општеството, енергетската безбедност и јавните финансии.

Рудниците за јаглен зафаќаат огромни површини и можат да се користат за инсталација на соларни централи што би ги компензирало капацитетите за производство на електрична енергија.

Во секој случај, општеството е крајно загрозено од загадувањето на воздухот и значително подобрување е невозможно без примена на законите за заштита на животната средина. Фабриките за индустриско производство, и големи и мали, мора да се свртат кон почисти технологии, во спротивно тие нема да можат да преживеат.

Земјите од западен Балкан се согласија, меѓу другото, да ги усогласат своите политики со системот за трговија со емисии на ЕУ – EU ETS. Трошоците за дозволи за ослободување на јаглерод диоксид сè повеќе ја намалуваат одржливоста на производство на електрична енергија од јаглен. Од таа причина, може да се очекува дека реконструкцијата и изградбата на електрани ќе се напуштат, а постојните брзо ќе се исклучат, што драстично ќе го намали загадувањето на воздухот.