ШТО НИ ПРАВИ ЗАГАДЕНИОТ ВОЗДУХ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН?

Загадувањето на воздухот во Западен Балкан предизвикува 30.000 предвремени смртни случаи годишно, проценува Европската агенција за животна средина. Вдишувањето загаден воздух доведува до зголемена смртност, скратен животен век и зголемување на бројот на хронични заболувања, а растат здравствените трошоци што ги плаќаат граѓаните на Западен Балкан. Намалувањето на загаденоста на воздухот е мерка која директно би го зголемила квалитетот на животот и здравјето на граѓаните, а индиректно би ја намалила стапката на смртност.

Лошиот квалитет на воздухот на западен Балкан го става регионот на врвот на најзагадените области во Европа, и предизвикува пад на јавното здравје. Земјите од регионот се особено изложени на ризик бидејќи аерозагадувањето, во комбинација со пониско ниво на економски развој, сиромаштија и суб-стандардните здравствени системи, заедно создаваат смртоносна состојба.

Дел од главните извори на загадување на воздухот на западен Балкан се употребата на јаглен за производство на електрична енергија, согорување на јаглен и дрво во станбени и комерцијални објекти, емисии од индустријата, согорување на отпад, земјоделски и градежни активности, транспортни возила и генератори на дизел. Овие се главните извори на потекло за честички (ПМ2,5 и ПМ10), озон, азотни оксиди, сулфур диоксид, јаглерод диоксид и тешки метали, кои се одговорни за милиони предвремени смртни случаи секоја година во светот.

Штетните ефекти на загадениот воздух предизвикуваат зголемена стапка на смртност од мозочен удар, срцеви заболувања, хронични белодробни заболувања, рак на белите дробови и акутни респираторни  инфекции. 

Последиците на загадувањето се плаќаат со човечки животи

Според проценките на Европската агенција за животна средина од 2012 година, загадувањето на воздухот во земјите од западен Балкан довело до 22.670 предвремени смртни случаи кои се поради прекумерно загадување со ПМ честички (ПМ2,5); 1.060 поради прекумерно загадување со озонот (О3); и 1.670 смртни случаи поради прекумерно загадување со азот диоксид (NO2).

Заедничкиот истражувачки центар на Ерупската комисија наведува дека загадувањето на воздухот, во просек, придонесува од 4% до 19% од вкупната стапка на предвремена смртност и го намалува очекуваниот животен век за 0.4 до 1.3 години во земјите од западен Балкан.

Се проценува дека изложеноста на фини честички (ПМ 2.5) е одговорна за 75% од сите смртни случаи поврзани со изложеност на загаден воздух. Вредностите на дозволените емисии на загадувачки материи дефинирани во правилниците за квалитетот на воздухот – во Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Косово и Србија се повисоки отколку во повеќето земји-членки на ЕУ.

Податоците од извештајот „Хронично загадување со јаглен“ покажуваат дека повеќе од половина од предвремените смртни случаи во 2016 година предизвикани од емисиите од електрани на јаглен на Западен Балкан се во ЕУ: 2.013 од 3.906 предвремени смртни случаи го погодиле населението на ЕУ, додека 1.239 смртни случаи во Западен Балкан и 654 на други локации. На Западен Балкан, Србија трпи најмногу здравствени последици поради загадувањето со јаглен од регионот – 570 предвремени смртни случаи годишно.

Аерозагадувањето има поголемо влијание врз скратувањето на животот на постарата популација и на децата на возраст под пет години, што е особено случај во земјите со ниски примања. На глобално ниво, околу 75% од смртните случаи предизвикани од загадување на воздухот се јавуваат кај луѓе постари од 60 години. Во декември, овие факти за прв пат се потврдени на суд. Имено, британскиот суд призна медицински докази кои покажаа дека 9-годишно девојче починало од загадување на воздухот.

Лицата со понизок социоекономски статус често се повеќе изложени на загадување на воздухот бидејќи имаат тенденција да живеат во области со голем интензитет на сообраќај и близу до извори на загадување, како што се електрани и индустриски капацитети. Покрај тоа, во повеќето случаи сиромашните луѓе работат тешка работа што подразбира професионална изложеност на гасови, честички, гасови и тешки метали.

Конечно, цената на загадувањето на воздухот се рефлектира и во здравствените трошоци. Се проценува дека само електраните на јаглен на западен Балкан предизвикуваат економски штети во форма на здравствени трошоци кои се движат од 1.2 до 3.4 милијарди евра секоја година.

Како може да постигнеме подобро здравје и почист воздух на западен Балкан?

Врз основа на презентираните податоци, заклучокот е јасен: за да спасиме човечки животи и да го зачуваме јавното здравје, мора што побрзо да го подобриме квалитетот на воздухот, како и состојбата на јавното здравство преку унапредување на здравствените системи.

Потребно е да се постави намалувањето на загадувањето на воздухот како национален, регионален и меѓународен приоритет и да се интегрира во процесите на планирање и на локално и на државно ниво. Сепак, што е најважно, овие мерки не смеат да останат само на хратија, и мора да се обезбедат соодветни ресурси за нивно спроведување. Затоа, земјите од западен Балкан ќе мора да ги зголемат своите национални и локални буџети за контрола на загадувањето на воздухот и да постават приоритети кои имаат за цел да го намалат влијанието на емисиите на загадувачи врз населението и животната средина.

Со цел да се унапреди надзорот над загадувачите, и да се подобри квалитетот на воздухот, треба да се воспостават мултисекторски партнерства на локално, национално и регионално ниво. Спречувањето на болести кои се резултат на слабиот квалитет на воздухот треба да стане составен дел од приоритетите на политиката за животна средина. Покрај тоа, ова мора да биде придружено со мерки за решавање на климатските промени, кои се повеќе влијаат на скоро сите аспекти на животот.

Но на крај, намалувањето на стапката на смртност, продолжувањето на животниот век и намалувањето на трошоците за здравствена заштита при дишење на загаден воздух, исто така, бара акција и од граѓаните која што почнува оддолу и се спроведува нагоре. Имено, прашањето за аерозагадувањето – кое не познава граници меѓу државите од западен Балкан – може да се реши само на солидарен начин, на регионално ниво.

Со цел да ги зачуваме и продолжиме човечките животи заедно, придружете ни се во солидарната борба на граѓаните од западен Балкан и станете дел од кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“: https://forms.gle/Z5eiNdSQNnq7WePr6

Learn more about the air:

Liked what you read? Spread the word!