Загадувањето на воздухот и неговите последици врз стапката на смртност и здравјето на граѓаните од западен Балкан

Дишењето загаден воздух доведува до зголемена смртност, пократок животен век и поголема стапка на хронични заболувања. Во исто време, сумите за здравствена заштита платени од граѓаните на западен Балкан се зголемуваат. Загадувањето на воздухот исто така предизвикува зголемен број на изгубени работни денови. Намалувањето на аерозагадувањето е мерка за јавно здравје што директно ќе помогне во подобрување на квалитетот на живот и здравјето на граѓаните, како и пониска стапка на смртност.

Лошиот квалитет на воздухот на западен Балкан го става регионот на врвот на најзагадените области во Европа, и предизвикува пад на јавното здравје. Земјите од регионот се особено изложени на ризик бидејќи аерозагадувањето, во комбинација со пониско ниво на економски развој, сиромаштија и суб-стандардните здравствени системи, заедно создаваат смртоносна состојба.

Дел од главните извори на загадување на воздухот на западен Балкан се употребата на јаглен за производство на електрична енергија, согорување на јаглен и дрво во станбени и комерцијални објекти, емисии од индустријата, согорување на отпад, земјоделски и градежни активности, транспортни возила и генератори на дизел. Овие се главните извори на потекло за честички (ПМ2,5 и ПМ10), озон, азотни оксиди, сулфур диоксид, јаглерод диоксид и тешки метали, кои се одговорни за милиони предвремени смртни случаи секоја година во светот.

Штетните ефекти на загадениот воздух предизвикуваат зголемена стапка на смртност од мозочен удар, срцеви заболувања, хронични белодробни заболувања, рак на белите дробови и акутни респираторни 

инфекции. Ефектите од изложеноста на аерозагадувањето се движат од клинички, како што се инфекции на долниот респираторен тракт, па до предвремена смрт.

Освен тоа, западен Балкан е меѓу регионите најпогодени од влијанието на климатските промени. Во текот на последните децении, документирано е значително зголемување на топлотните бранови – денес, нивниот број е приближно двојно зголемен во споредба со средината на 20-от век. Потоплите временски услови одговараат на формирањето на озон, еден од главните загадувачи во текот летниот период Исто така, посочено е дека потоплото време и повисоките концентрации на јаглерод диоксид во атмосферата придонесуваат за подолги периоди на вегетација и опрашување. Ова пак предизвикува поголеми концентрации на полен во воздухот, што може да има негативни ефекти врз лицата со алергии, како и врз пациентите со астма.

Кој плаќа за последиците на аерозагадувањето?

Последиците од вдишување на неквалитетен воздух ги чувствуваме сите, со тоа што одредени социјални групи се уште повеќе погодени.

Цената на загадувањето на воздухот се плаќа во човечките животи. Според податоците на СЗО за 2016 година, во нашиот регион имало околу 13.500 предвремени смртни случаи, како последица на најлошиот квалитет на воздухот во цела Европа. Според проценките на Европската агенција за животна средина од 2012 година, загадувањето на воздухот во земјите од западен Балкан довело до 22.670 предвремени смртни случаи кои се поради прекумерно загадување со ПМ честички (ПМ2,5); 1.060 поради прекумерно загадување со озонот (О3); и 1.670 смртни случаи поради прекумерно загадување со азот диоксид (NO2).

Заедничкиот истражувачки центар на Ерупската комисија наведува дека загадувањето на воздухот, во просек, придонесува од 4% до 19% од вкупната стапка на предвремена смртност и го намалува очекуваниот животен век за 0.4 до 1.3 години во земјите од западен Балкан.

Аерозагадувањето има поголемо влијание врз скратувањето на животот на постарата популација и на децата на возраст под пет години, што е особено случај во земјите со ниски примања. На глобално ниво, околу 75% од смртните случаи предизвикани од загадување на воздухот се јавуваат кај луѓе постари од 60 години. Во декември, овие факти за прв пат се потврдени на суд. Имено, британскиот суд призна медицински докази кои покажаа дека 9-годишно девојче починало од загадување на воздухот.

Лицата со понизок социоекономски статус често се повеќе изложени на загадување на воздухот бидејќи имаат тенденција да живеат во области со голем интензитет на сообраќај и близу до извори на загадување, како што се електрани и индустриски капацитети. Покрај тоа, во повеќето случаи сиромашните луѓе работат тешка работа што подразбира професионална изложеност на гасови, честички, гасови и тешки метали.

Конечно, цената на загадувањето на воздухот се рефлектира и во здравствените трошоци. Се проценува дека само електраните на јаглен на западен Балкан предизвикуваат економски штети во форма на здравствени трошоци кои се движат од 1.2 до 3.4 милијарди евра секоја година.

Како може да постигнеме подобро здравје и почист воздух на западен Балкан?

Врз основа на презентираните податоци, заклучокот е јасен: за да спасиме човечки животи и да го зачуваме јавното здравје, мора што побрзо да го подобриме квалитетот на воздухот, како и состојбата на јавното здравство преку унапредување на здравствените системи.

Потребно е да се постави намалувањето на загадувањето на воздухот како национален, регионален и меѓународен приоритет и да се интегрира во процесите на планирање и на локално и на државно ниво. Сепак, што е најважно, овие мерки не смеат да останат само на хратија, и мора да се обезбедат соодветни ресурси за нивно спроведување. Затоа, земјите од западен Балкан ќе мора да ги зголемат своите национални и локални буџети за контрола на загадувањето на воздухот и да постават приоритети кои имаат за цел да го намалат влијанието на емисиите на загадувачи врз населението и животната средина.

Со цел да се унапреди надзорот над загадувачите, и да се подобри квалитетот на воздухот, треба да се воспостават мултисекторски партнерства на локално, национално и регионално ниво. Спречувањето на болести кои се резултат на слабиот квалитет на воздухот треба да стане составен дел од приоритетите на политиката за животна средина. Покрај тоа, ова мора да биде придружено со мерки за решавање на климатските промени, кои се повеќе влијаат на скоро сите аспекти на животот.

Но на крај, намалувањето на стапката на смртност, продолжувањето на животниот век и намалувањето на трошоците за здравствена заштита при дишење на загаден воздух, исто така, бара акција и од граѓаните која што почнува оддолу и се спроведува нагоре. Имено, прашањето за аерозагадувањето – кое не познава граници меѓу државите од западен Балкан – може да се реши само на солидарен начин, на регионално ниво.

Со цел да ги зачуваме и продолжиме човечките животи заедно, придружете ни се во солидарната борба на граѓаните од западен Балкан и станете дел од кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“: https://bit.ly/ObedinetBalkan

Learn more about the air:

Liked what you read? Spread the word!